Лев банер Десен банер

Вевчани домаќин на 24-та регионална ревија на песни, музика и игри од осмиот регион

Во Вевчани, вчера, 19 мај 2026 година се одржа 24-та регионална ревија на песни, музика и игри на пензионерите од Осмиот регион, во организација на Здружението на пензионери Вевчани. Настанот помина во празнична атмосфера, исполнета со песна, игра и дружење, а учесниците и гостите од утринските часови па сè до вечерта уживаа во богатата културно-уметничка програма.

Ревијата се одржа во салата на КУД „Дримкол“, каде настапија фолклорни и пејачки групи од здруженијата на пензионери од Струга, Охрид и Дебарца, Дебар и Центар Жупа, Гостивар, Кичево, Македонски Брод, Лабуништа и домаќинот Вевчани.

Пред почетокот на програмата, учесниците заедно со претседателите на здруженијата и комисиите за култура направија заедничка фотографија на плоштадот во Вевчани, а со песна и добро расположение ги поканија граѓаните да ја проследат музичката смотра. Голем број посетители од Вевчани и околните места уживаа во настапите и богатата фолклорна традиција претставена на сцената.

Културниот настан го отвори подмладокот на КУД „Дримкол“ од Вевчани, кој настапи во традиционална вевчанска носија со песна и игра, внесувајќи дополнителна свеченост во програмата.

Претседателот на ЗП Вевчани, Витомир Костојчиноски, упати топло добредојде до сите учесници и гости, нагласувајќи дека ваквите настани придонесуваат за зближување и дружење на пензионерите, како и за зачувување на македонската традиција и култура. Тој потсети дека годинава Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија одбележува два значајни јубилеи – 80 години пензионерско организирање и 35 години од осамостојувањето на Македонија.

Од името на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, ревијата за отворена ја прогласи претседателката Станка Трајкова, која истакна дека јубилејот од 80 години постоење на пензионерското организирање претставува значаен историски белег и доказ за долгогодишното заедништво на пензионерите во државата.

Во богатата музичка програма настапија повеќе пејачки и фолклорни групи со изведби на македонски народни песни, свадбарски обичаи, ора и хумористични точки. Публиката со голем аплауз ги поздрави настапите на пензионерите од Македонски Брод, Кичево, Лабуништа, Дебар и Центар Жупа, Гостивар, Струга, Охрид и Дебарца.

Особено внимание привлекоа настапите на КУД „Далги“ од Охрид и Дебарца со традиционални ора, како и завршниот настап на домаќините од Вевчани со обичајот „Василичарско оро“, проследен со вевчански оркестар.

На крајот од ревијата, претседателката на СЗПМ Станка Трајкова, заедно со претставници на Сојузот и домаќините од Вевчани, им доделија благодарници и пригодни подароци на сите здруженија учесници, по што беше направена и заедничка фотографија за спомен од настанот.

Текст: Стојан Кукунешоски

StrugaOnline

error: