Во Струга следната недела ќе се одржи 10-тата Дримска конференција
Од 2 до 4 јуни 2026 година во Струга ќе се одржи 10. Дримска конференција, организирана во рамки на Меморандумот за разбирање за заедничко управување со Дримскиот Басен (2011) и Вториот ГЕФ Дримски проект за спроведување на приоритетните мерки од Стратешкиот акционен план за Дримскиот Басен (2020).
На конференцијата ќе учествуваат претставници на надлежните институции од државите во Дримскиот Басен, локалните самоуправи, јавните претпријатија задолжени за управување со водите, како и претставници на регионални и меѓународни организации.
Како што информираат организаторите, претставниците на државите ќе ги презентираат досегашните резултати од имплементацијата на Стратешкиот акционен план за Дрим на национално ниво, со посебен акцент на спроведувањето на Европската рамковна директива за води и мерките за намалување на загадувањето на водите од различни извори.
Темите на конференцијата ќе бидат поврзани и со усогласувањето на Стратешкиот план за Дримскиот Басен со Зелената агенда на Европската Унија. Воедно, ќе бидат презентирани и клучни информации за процесот на одобрување на новиот ГЕФ проект за заштита на сливот на Охридското Езеро.
Најавено е обраќање на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање на Косово, директорите на директоратите и секторите задолжени за управување со водите, како и претставници на УНДП, УНЕЦЕ и Глобалното партнерство за води – Медитеран, кое го спроведува ГЕФ 2 Дримскиот проект.
StrugaOnline

