Лев банер Десен банер

Стружанецот Димче Шипинкаровски дел од XX Меѓународен книжевен фестивал „Свято слово“ во Бургас

Од 26 до 29 мај во Бургас, Бугарија, се одржа XX Меѓународен книжевен фестивал „Свято слово“, значаен културен настан кој традиционално ги обединува творците од словенскиот говорен простор и претставува мост на книжевна и културна соработка меѓу народите.

Меѓу учесниците на фестивалот беше и македонскиот автор Димче Шипинкаровски, кој со своето присуство и творештво даде придонес во меѓународниот книжевен дијалог и размената на културни вредности.

„Неизмерно сум среќен и почестен што сум дел од оваа книжевна средба, каде литературата станува мост на пријателство, соработка и духовна блискост меѓу народите. Во инспиративна атмосфера, со внимателно осмислена програма и драгоцени средби со автори од повеќе земји, фестивалот уште еднаш ја потврди моќта на пишаниот збор и неговата способност да поврзува луѓе и култури“, изјави Шипинкаровски.

Тој истакна дека посебна чест за него претставува добиениот Сертификат за признание, кој го доживува како поттик и вреднување на неговото творештво и активно учество во меѓународните книжевни процеси.

„Искрени честитки до организаторите за беспрекорната организација, топлото гостопримство и посветеноста со која го негуваат духот на литературата и културната соработка. Благодарност до сите што беа дел од ова прекрасно книжевно доживување“, додаде Шипинкаровски.

Фестивалот „Свято слово“ и оваа година ја потврди својата улога како значајна платформа за афирмација на книжевноста, културниот дијалог и поврзувањето на авторите од различни земји.

StrugaOnline

error: