Денеска трибина во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ Струга за менталното здравје со д-р Бошко Томовски
Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга организира трибина посветена на едно од најважните прашања на современото општество – менталното здравје. Настанот ќе се одржи денеска, во фоајето на Центарот, со почеток во 19:00 часот.
Трибината ќе се реализира под наслов „Нема поголема болка во човекот од болката во неговата душа“, а пред присутните ќе говори д-р Бошко Томовски, истакнат специјалист невропсихијатар со долгогодишно професионално искуство и значаен придонес во областа на менталното здравје.
Преку своето стручно излагање, д-р Томовски ќе се осврне на душевните страдања, стресот, депресијата и предизвиците со кои се соочува современиот човек, нудејќи корисни сознанија и нови перспективи за разбирање и надминување на психолошките проблеми.
Организаторите најавуваат инспиративна и едукативна вечер исполнета со интересни факти, стручни согледувања и можност за непосредна комуникација со еден од најреномираните експерти од областа на менталното здравје.
Од Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ги покануваат сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на настанот и да бидат дел од оваа значајна трибина посветена на човековата душа, емоционалната благосостојба и психичкото здравје.
StrugaOnline

