Запознај го веслањето одблиску – Отворен ден организиран од Веслачката федерација утре во Струга
Веслачката федерација на Македонија ги поканува сите млади, родители, спортски работници, наставници и љубители на спортот масовно да го посетат Отворениот ден во веслање, кој ќе се одржи утре, 20 јуни, во Автокамп АС во периодот од 08:00 до 11:00 часот, паралелно со одржувањето на Државното првенство во веслање.
Настанот се организира во рамки на проектот „Веслање без бариери“, чија цел е промоција на родова еднаквост во спортот.
Во текот на Отворениот ден посетителите ќе имаат можност да се запознаат со веслачката опрема, чамците и основите на веслањето, да разговараат со тренери и активни спортисти, како и да проследат дел од трките од Државното првенство. Активностите ќе се одвиваат флексибилно, преку посебни информативни станици, за да можат посетителите да доаѓаат индивидуално, семејно или во групи во текот на целото времетраење на настанот.
За сите посетители ќе биде обезбедено освежување, а ќе бидат поделени и информативни флаери преку кои децата, младите и родителите ќе можат да дознаат повеќе за тоа што значи веслањето за едно момче или девојче — како спорт што гради дисциплина, самодоверба, тимски дух, здрави навики и еднакви можности за личен и спортски развој.
Посебен акцент ќе биде ставен на охрабрување на девојчињата активно да се вклучат во спортот, но настанот е отворен за сите — девојчиња, момчиња, родители, наставници, спортски клубови и сите граѓани кои сакаат одблиску да го запознаат веслањето.
Ги повикуваме сите масовно да го посетат настанот, да ја поддржат младоста и спортот и да бидат дел од една позитивна спортска приказна на вода. Дојдете, запознајте го веслањето одблиску и поддржете спорт без бариери, порачуваат организаторите.
StrugaOnline

