Лев банер Десен банер

Стружанката Ива Чолакоска од ЖКК Бадел се сели во НЦЦА во Америка

Македонската репрезентативка и една од најдобрите домашни кошаркарки, Ива Чолакоска од Струга, кариерата ќе ја продолжи во американската NCAA лига.

По неколкумина македонски кошаркари кои во изминатиот период објавија преселба во американскиот универзитетски систем, по истиот пат тргнува и стружанката Ива Чолакоска. Капитенката на ЖКК Бадел во новата сезона ќе настапува за универзитетот Чарлстон Саутерн, што претставува значаен чекор во нејзината спортска кариера.

Универзитетот Чарлстон Саутерн се наоѓа во Јужна Каролина и се натпреварува во Биг Саут (Big South) конференцијата, која е дел од првата NCAA дивизија. Македонската репрезентативка ќе биде дел од тим кој во новата сезона ќе биде засилен со неколку нови имиња.

Чолакоска, која има речиси 23 години и е висока 180 сантиметри, зад себе остави одлична сезона во дресот на Бадел. Таа беше една од клучните кошаркарки на скопскиот клуб, со кој стигна до финалето на домашниот плејоф.

Во текот на сезоната бележеше просек од 12,2 поени по натпревар, со што беше трет стрелец во екипата, веднаш зад Американките Фримен и Клири. Сепак, љубителите на кошарката најмногу ќе ја паметат по драматичниот победнички кош во последната секунда од третиот натпревар од финалната серија против Крива Паланка.

Со трансферот во NCAA, Чолакоска добива можност за нов предизвик и дополнителен развој на својата кариера на американско тло.

StrugaOnline

error: