Лев банер Десен банер

Историја за македонскиот тенис, Лина Ѓорческа ќе игра на главниот турнир на Вимблдон

Македонскиот спорт испиша нова историска страница. Лина Ѓорческа стана првата македонска тенисерка во историјата, а воедно и првиот македонски тенисер во машка и женска конкуренција, која обезбеди пласман на главниот турнир на Вимблдон – најпрестижниот тениски турнир во светот и еден од четирите Грен слем турнири.

Со доминантна игра и убедлива победа од 6:1, 6:2 во решавачкиот квалификациски натпревар, Ѓорческа ја урна бариерата што досега не успеал да ја надмине ниту еден македонски тенисер, обезбедувајќи си место меѓу најдобрите светски тенисерки на тревата во Лондон.

Овој успех е круна на две децении посветена работа. Пред 20 години, како девојче од Тетово, Лина го започна својот тениски пат со сон еден ден да настапи на најголемите светски турнири. Денес, тој сон стана реалност.

„Горда и среќна сум за сите овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и горда сум што сум единствената во историја, и во машка и во женска конкуренција, која се изборила за место на главниот турнир. Ова за мене е остварување на сонот. Не е лесно да си од мала држава, поради целата логистика, условите за тренинг и финансискиот дел. Но, кога ќе стигнеш тука, даваш 100 проценти од себе за да успееш, а на крајот сето тоа носи резултат. Можеби доаѓам од мала земја, но ние сите имаме огромно спортско срце“, изјави Ѓорческа по историскиот пласман.

Историскиот успех добива уште посилна емотивна димензија ако се знае дека пред само еден месец Лина остана без својот татко, Владимир Ѓорчески – Ципа, легенда на македонската одбојка и човекот кој беше нејзината најголема поддршка низ целата кариера.

Пласманот на главниот турнир на Вимблдон е исполнување на сонот што го градеа заедно – резултат на долгогодишна пожртвуваност, упорност и работа во услови кои честопати беа далеку од идеални.

Со овој историски резултат, Лина Ѓорческа не само што испиша историја за македонскиот тенис, туку испрати силна порака дека и од мала земја може да се стигне до најголемата светска спортска сцена кога зад успехот стојат талент, труд и непоколеблива верба.

StrugaOnline

error: