Падините на Стогово оваа недела ќе бидат исполнети со велосипедисти и љубители на природата
Во недела, 5 јули, од селото Лактиње ќе стартува рекреативната тура „Бабин Срт МТБ Авантура“, во организација на Здружението за планински велосипедизам Рупикапра МТБ Струга.
Настанот веќе предизвика огромен интерес кај љубителите на планинскиот велосипедизам, а пријавувањето беше затворено по исполнување на лимитот од 180 учесници.
Целта на манифестацијата е да се промовира планината Стогово како препознатлива дестинација за активен и еко-туризам, да се поттикне здравиот начин на живот и да се подигне свеста за значењето на зачувувањето на природата.
Учесниците ќе стартуваат од селото Лактиње и ќе возат по патека долга 22 километри во еден правец, односно 44 километри вкупно, со околу 1.500 метри совладана висинска разлика. Крајната цел е врвот Бабин Срт (2.241 м.н.в.), вториот највисок врв на планината Стогово, кој претставува природно четиримеѓе меѓу Охридско, Струшко, Дебарско и Кичевско.
Од Бабин Срт се отвораат спектакуларни погледи кон Охридското Езеро и Караорман на југ, а кон север се гледаат Бистра и целиот шарски планински венец сè до врвот Љуботен. Поради својата исклучителна местоположба, врвот претставува една од најатрактивните панорамски точки во западниот дел на Македонија и нуди поглед кон речиси целото протегање на Првата Западна Македонска Трансверзала.
„Бабин Срт МТБ Авантура“ нема натпреварувачки карактер. Наместо борба за резултат, акцентот е ставен на дружењето, љубовта кон планината, промоцијата на велосипедизмот и откривањето на природните убавини на Стогово и Дебрца.
StrugaOnline

