Лев банер Десен банер

Денеска во Охрид започнува јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри

Од денеска, 3 до 6 јули 2026 година, Охрид повторно ќе стане центар на фолклорот и традицијата со одржувањето на јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри – најстарата меѓународна фолклорна манифестација на Балканот.

Во организација на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, фестивалот и оваа година ќе ги обедини ансамблите, уметниците и љубителите на традиционалната култура од повеќе земји, продолжувајќи ја својата шест и пол децении долга мисија за афирмација на културните вредности, народните песни, игри и обичаи.

Фестивалот се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија, а програмата е поддржана од Министерството за култура и туризам и пријателите на фестивалот.

Сите фестивалски вечери ќе се одржуваат во големата сала на НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, со почеток во 20:30 часот.

Свеченото отворање е закажано за вечерва во 20:30 часот, а фестивалот ќе започне со настап на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, кој со својот богат репертоар ќе го означи почетокот на четиридневната фолклорна манифестација. Утре, 4 јули 2026 (сабота) ќе настапат домашни и меѓународни фолклорни ансамбли, 5 јули 2026 (недела) продолжение на фестивалската програма со ансамбли од земјата и странство, 6 јули 2026 (понеделник) ќе биде завршната фестивалска вечер со финални настапи на учесниците и свечено затворање на фестивалот.

Јубилејното издание ќе понуди богата програма со настапи на домашни и странски фолклорни ансамбли, претставувајќи ја традицијата, музиката и играорната култура на народите од Балканот и пошироко.

Организаторите упатуваат покана до сите љубители на фолклорот, традицијата и културното наследство да бидат дел од јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри и заедно да ја прослават една од најзначајните и најдолговечни културни манифестации во регионот.

StrugaOnline

error: