Општина Струга го продаде службеното возило „Audi A6“ за 22.000 евра
Општина Струга соопшти дека успешно ја реализирала продажбата на службеното возило кое, според локалната самоуправа, со години претставувало симбол на непотребен луксуз и неодговорно трошење на јавните средства.
Како што информираат од Општината, продажбата била спроведена преку јавна аукција на која учествувале девет заинтересирани понудувачи од Струга, Охрид, Битола и Скопје. Највисоката понуда, во износ од 22.000 евра, ја доставила компанија од Битола, која е избрана за најповолен понудувач.
Од Општина Струга наведуваат дека со продажбата се обезбедени дополнителни средства во општинскиот буџет, кои ќе бидат насочени кон намалување на јавниот долг и финансиските обврски.
Во соопштението се истакнува дека актуелното општинско раководство се залага за рационално управување со јавните финансии и смета дека на Општината не ѝ се потребни луксузни службени возила, туку функционална администрација и инвестиции од јавен интерес.
„Секое заштедено евро значи повеќе средства за инфраструктура, училишта, градинки, јавни површини и поквалитетни услуги за граѓаните“, наведуваат од Општина Струга.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат со политиката на рационализација на трошоците, транспарентно управување со јавните средства и постепено намалување на јавниот долг, оценувајќи дека продажбата на службеното возило претставува исполнување на едно од ветувањата на новото општинско раководство.
StrugaOnline

