Стружанка која била нападната од бездомни кучиња: „Најлошото решение е да нема никакво решение“
Одлуката на Советот на Општина Струга да не го усвои предлогот за формирање стационар за бездомни кучиња продолжува да предизвикува реакции во јавноста. Дел од граѓаните сметаат дека проблемот со кучињата скитници бара итно и долгорочно решение, имајќи ги предвид честите поплаки и пријави за напади.
Меѓу оние кои јавно го споделија своето искуство е стружанката Нела Стојанова, која вели дека пред неколку години била нападната и касната од бездомни кучиња. Таа наведува дека, покрај физичките повреди, нападот оставил и траума која, како што вели, ја чувствува и денес.
Во својата реакција до нашата редакција, Стојанова апелира проблемот да не биде предмет на политички пресметки, туку да се разгледува од аспект на безбедноста на граѓаните.
„Никој не тврди дека понуденото решение е совршено. Но секое решение што има цел да го намали ризикот за граѓаните е подобро од тоа проблемот повторно да остане во фиока. Најлошото решение е да нема никакво решение“, наведува таа.
Таа упатува прашање до членовите на Советот дали некој од нив лично се соочил со напад од бездомни кучиња и ги повикува да ги сослушаат искуствата на граѓаните кои го преживеале тоа.
Во својата објава Стојанова оценува дека безбедноста на граѓаните не треба да биде предмет на политички несогласувања и предупредува дека одложувањето на решенијата може да доведе до нови инциденти.
„Денес расправате за предлог. Утре можеби ќе расправате за ново нападнато дете, нов пензионер, нов рекреативец или нов турист. Тогаш ќе биде предоцна за политички објаснувања“, пишува таа.
Реакцијата на Стојанова доаѓа откако Советот на Општина Струга не го усвои предлогот за формирање стационар за бездомни кучиња преку модел на јавно-приватно партнерство. На седницата 10 советници гласаа „за“, додека 11 беа воздржани, поради што предлогот не беше изгласан.
Прашањето за справување со бездомните кучиња и понатаму останува актуелно во Струга, а граѓаните очекуваат институциите да понудат решение кое ќе обезбеди истовремено заштита на јавната безбедност и хуман третман на животните.
StrugaOnline

