Лев банер Десен банер

Општина Струга со апел до издавачите на сместување: Поднесете приговор доколку сте добиле фактура од ЗАМП

Општина Струга ги повика сопствениците на категоризирани сместувачки капацитети навремено да поднесат приговор до ЗАМП доколку добиле фактури за надоместок, а сметаат дека тие не ја одразуваат нивната реална состојба.

Како што информираат од Општината, во изминатите денови биле контактирани од голем број граѓани кои издаваат сместувачки капацитети, а кои добиле фактури во единствен износ од 16.650 денари.

Според информациите што ги добила локалната самоуправа, фактурите биле издадени по ист износ, без да се земат предвид реалниот обем на работа, бројот на остварени ноќевања или висината на платената туристичка такса. Дополнително, биле евидентирани случаи во кои фактури биле доставени до лица кои веќе не вршат угостителска дејност, се избришани од соодветните регистри, па дури и до починати лица.

Од Општина Струга препорачуваат сите засегнати граѓани навремено да поднесат приговор до ЗАМП и да приложат документација што ја потврдува нивната фактичка состојба.

На сопствениците кои редовно плаќаат туристичка такса им се препорачува кон приговорот да достават доказ за извршените уплати, со цел да се направи соодветна проценка и евентуална корекција на пресметаниот износ. Лицата кои повеќе не вршат сместувачка дејност треба да приложат решение за бришење од регистарот издадено од Општина Струга, а доколку објектот повеќе не се користи како сместувачки капацитет, потребно е да се провери и по потреба да се ажурираат податоците во надлежните регистри.

Од локалната самоуправа сметаат дека пред издавањето на фактурите требало најпрво да биде доставено известување до сопствениците, со можност за ажурирање на податоците и доставување на потребната документација, а потоа да се пристапи кон нивно фактурирање.

Општина Струга информира дека останува на располагање за насочување на граѓаните кон соодветната постапка и апелира сите засегнати своите права да ги остварат преку законски предвидената постапка за приговор.

StrugaOnline

error: