Општина Струга продолжува со уредување на јавните плажи, делови од Машка и Женска плажа обележани како јавни површини
Општина Струга продолжува со активностите за проширување и уредување на јавните плажи долж брегот на Охридското Езеро, со цел да обезбеди повеќе достапен простор за капење, одмор и рекреација.
Како дел од овие активности, денеска беа обележани делови од Машка и Женска плажа како јавни површини, наменети за користење од страна на сите граѓани и посетители.
Од Општина Струга информираат дека работите на овие локации ќе продолжат и во наредниот период, кога е предвидено дополнително уредување на плажите и подобрување на условите за престој.
„Целта е да се обезбедат повеќе уредени, безбедни и достапни јавни простори покрај езерото, кои ќе им бидат на располагање на сите граѓани и туристи“, велат од локалната самоуправа.
Со оваа иницијатива, Општина Струга најавува дека ќе продолжи да инвестира во уредувањето на крајбрежјето, со цел да се подобри туристичката понуда и квалитетот на престојот покрај Охридското Езеро во текот на летната сезона.
StrugaOnline

