Лев банер Десен банер

Вчера Антонио Пандовски и Нела Стојанова трчаa од Струга до Свети Наум и назад за Роман

Во Струга вчера се одржа несекојдневен спортско-хуман настан, во кој Антонио Пандовски и Нела Стојанова реализираа предизвик посветен на младиот Роман – момче чија животна приказна инспирира и потсетува дека со силна волја, љубов и поддршка не постојат невозможни битки.

Пандовски истрча исклучително тешка рута која започна од Струга, продолжи преку Охрид до Свети Наум, а потоа повторно се врати преку Охрид до Струга – подвиг што бара врвна физичка подготвеност, издржливост и силен карактер. На делови од трасата му се придружи и Нела Стојанова, која со своето учество даде дополнителна тежина на хуманата порака што ја носеше овој предизвик.

Настанот беше посветен на Роман, момче кое и покрај тоа што живее со пет тешки дијагнози, секојдневно покажува неверојатна храброст. По сложена операција и долг процес на рехабилитација со помош на роботска технологија, тој неодамна повторно успеа самостојно да прооди – по третпат во својот живот.

Организаторите истакнаа дека целта не е само да се реализира спортски подвиг, туку да се подигне свеста за важноста на поддршката, емпатијата и прифаќањето на децата и лицата кои се соочуваат со сериозни здравствени предизвици.

Нела Стојанова порача дека токму Роман бил најголемата мотивација за успешно завршување на предизвикот.

„Овој подвиг навидум не изгледа лесен, но кога имате мотив, како што нам ни е Роман, тогаш навистина станува полесен. Роман целата патека ми беше ветер во грб. Се надевам дека со ова ќе ги охрабриме родителите гласно да зборуваат за болестите на своите деца, а кај останатите луѓе ќе ја разбудиме емпатијата за да создадеме похумано општество. Секој ден од животот е борба – за некого полесна, за некого потешка – и затоа треба да бидеме благодарни за секое ново утро. Огромна благодарност до хотел „Ембла“ за поддршката, до градоначалникот за пречекот и до сите граѓани кои денес беа со нас и го поддржаа овој подвиг“, изјави Стојанова.

Поддршка на настанот даде и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, кој истакна дека ваквите иницијативи ја покажуваат вистинската сила на заедништвото.

„Овој гест и оваа акција ни покажуваат колку е важно меѓусебно да се поддржуваме, особено кога станува збор за лица на кои им е потребна морална помош. Ова е потсетник дека здравјето е најголемото богатство и дека сите заедно можеме да помогнеме полесно да се стигне до целта. Верувам дека вакви хумани акции треба да има многу повеќе, затоа што тие нè учат на солидарност и заедништво. На Роман му посакувам добро здравје и сигурен сум дека секогаш ќе ја има нашата поддршка“, изјави градоначалникот Менди Ќура.

Минатата година Роман беше дел од трката „Дрим Ран“, чиј организатор е Нела Стојанова, а со својата насмевка и упорност ги освои симпатиите на сите присутни. Најавено е дека и оваа година тој повторно ќе застане на стартната линија, испраќајќи уште една силна порака дека надежта, волјата и поддршката од заедницата можат да победат и во најтешките животни битки.

Хуманиот предизвик на Антонио Пандовски и Нела Стојанова уште еднаш потврди дека спортот не е само натпревар, туку моќна алатка што обединува, инспирира и ја буди човечноста кај сите нас.

StrugaOnline

error: