Лев банер Десен банер

Отворени пријавите за 47. Илинденски пливачки маратон во Охрид, рокот е до 31 јули

По повод големиот државен празник Илинден, на 2 август во Охрид ќе се одржи 47. Куп во далечинско пливање „Илинден 2026“, во организација на Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“.

Традиционалната пливачка манифестација ќе се одвива на патека долга 2,5 километри. Стартот е предвиден од плажата Горица („Кај Дивоно“), додека целта ќе биде на Градското пристаниште, пред хотелот „Нова Ривиера“.

Организаторите информираат дека натпреварувачите ќе бидат поделени во две возрасни категории. Во првата ќе настапат пливачи постари од 16 години (родени во 2010 година и постари), чиј старт е закажан за 10:00 часот. Во втората категорија ќе се натпреваруваат пливачи родени во 2011 година и помлади, но не помлади од осум години, а нивниот старт е во 11:00 часот.

Пријавувањето за учество е во тек и ќе трае до 31 јули. За пријавата потребно е да се достават основните податоци за натпреварувачот – име и презиме, датум на раѓање и клубот за кој настапува.

Секој учесник пред стартот е должен да приложи важечко лекарско уверение за способност за спортски активности, не постаро од шест месеци, како и документ за идентификација. Котизацијата за учество изнесува 1.200 денари, а може да се уплати на самиот старт или претходно на жиро-сметката на ПК „Охридски бранови 2008“, со приложување доказ за извршената уплата.

Организаторите посочуваат дека секој клуб или родител има обврска да обезбеди придружен пловен објект – кајче, кое ќе го следи пливачот за време на трката.

Пријавите се доставуваат до ПК „Охридски бранови 2008“ на електронската адреса ohridskibranovi2008@yahoo.com или преку Viber на телефонскиот број 075 822 707.

За безбедно одвивање на натпреварот, патеката ќе биде обезбедена од медицински и спасувачки екипи на Црвениот крст – Охрид, Езерската полиција и други надлежни служби, додека за регуларноста на натпреварувањето ќе бидат ангажирани лиценцирани судии.

StrugaOnline

error: