Во рамки на „Вевчанско Лето 2026“, во четврток ќе биде отворена изложбата „Синилото на Вевчанските Извори“
Во рамките на програмата на „Вевчанско Лето 2026“, в четврток, 23 јули, ќе биде отворена изложбата „Синилото на Вевчанските Извори“, која ги обединува природата, уметноста и креативниот израз преку една од најстарите фотографски техники – цијанотипијата.
Изложбата е резултат на соработката помеѓу Еко-свест Вевчани и „Зрно“ – Фестивал на фотографијата, во чии рамки изминатиов период беа организирани креативни работилници. Учесниците имаа можност да ја совладаат техниката на цијанотипија и преку неа да создадат оригинални фотографии инспирирани од природните убавини на Вевчанските Извори.
Поставката претставува завршна презентација на делата изработени за време на работилниците, при што посетителите ќе можат да видат уникатни фотографии во препознатливите сини тонови, кои се заштитен белег на оваа историска фотографска техника.
Изложбата ќе биде отворена во 20:00 часот во Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани.
Организаторите ги покануваат сите љубители на фотографијата, уметноста и природата да бидат дел од овој настан и заедно да го доживеат магичното синило на Вевчанските Извори низ објективот на младите креативци.

