Лев банер Десен банер

Посебен сообраќаен режим во Охрид поради посетата на претседателката на Индија

Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните дека поради претстојната официјална посета на претседателката на Индија, која ќе престојува во Охрид до 22 јули 2026 година, ќе бидат воведени засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај.

Од СВР Охрид информираат дека активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на трасите по кои ќе се движи високата делегација, како и на објектите што ќе бидат посетени. Во таа насока, веќе е воспоставена координација со локалната самоуправа, јавните претпријатија, Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици, како и со сите други надлежни институции и субјекти задолжени за одржување на патната инфраструктура.

Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај од денеска интензивно спроведува мерки за контрола и регулирање на сообраќајот, особено долж булеварот „Туристичка“, но и на останатите улици и патишта каде што не е дозволено запирање и паркирање на моторни возила.

Засилените мерки ќе ги опфатат и магистралните, регионалните и локалните патишта на релацијата Охрид – Свети Наум, како и заштитниот појас покрај патиштата, улиците во населените места, паркиралиштата во централното градско подрачје и во стариот дел на Охрид.

Од СВР Охрид апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот за време на посетата.

Воедно, полицијата ги повикува граѓаните своите моторни возила да ги користат само во неопходни случаи и, доколку е можно, да користат алтернативни начини на превоз, со што ќе придонесат за полесно спроведување на безбедносните мерки за време на престојот на индиската претседателка во Охрид.

Извор: СВР Охрид

StrugaOnline

error: