Прва самостојна изложба на стружанецот Михаил Клечкароски од 5 до 7 август во Домот на културата во Струга
Во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ Струга, на 5, 6 и 7 август, љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја посетат првата самостојна уметничка изложба „Копнеж“ на младиот уметник од Струга Михаил Клечкароски.
Михаил Клечкароски е роден во Струга, а животниот пат го води во Чикаго, САД, каде што го завршува средното образование и продолжува со своето ликовно усовршување на College of DuPage. Токму престојот во Америка претставува период во кој неговата љубов кон сликарството се развива и добива силен творечки импулс.
Неговата инспирација произлегува од длабокиот копнеж по родниот крај – спомените за Струга, природните убавини и чувството на припадност што останува врежано кај секој што детството го поминал во топлина, љубов и слобода.
На изложбата ќе бидат претставени импресионистички дела изработени во техника масло на платно, инспирирани од пејзажите и мотивите на Струшко-Охридскиот регион. Преку своите слики, Клечкароски ја пренесува емоцијата на родниот крај и неговата безвременска убавина.
Изложбата ќе биде отворена за посетители во текот на трите дена, 5, 6 и 7 август, а организаторите ги покануваат сите љубители на ликовната уметност да бидат дел од овој значаен момент во творечкиот пат на младиот струшки уметник.
StrugaOnline

