Свечен прием на првачиња и одбележување 40 години од своето отворање на ООУ „Св. Климент Охридски“ – Драслајца
Со свечен и радосен прием на најмладите ученици, во ООУ „Св. Климент Охридски“ – Драслајца започна новата учебна година. Првачињата денес за првпат ги отворија вратите на училиштето, каде ги очекуваат нови знаења, нови другарства, предизвици и спомени кои ќе ги паметат уште долго.
Свечениот прием помина во знакот на топло добредојде и искрени желби за успешен почеток на нивното училишно патување. На најмладите ученици им беа упатени пораки да бидат љубопитни, храбри да прашуваат, да веруваат во себе и со насмевка да ги прифаќаат новите предизвици.
Овој 1 септември за ООУ „Св. Климент Охридски“ – Драслајца има и посебно значење. На истиот датум во 1986 година свечено било отворено училиштето во Драслајца, со што започнала неговата приказна.
По четири децении, училиштето со гордост го одбележува својот 40-годишен јубилеј – период исполнет со знаење, воспитување, дружење, успеси и бројни генерации ученици, наставници и родители кои оставиле свој белег во неговата историја.
Јубилејот денес добива посебна симболика бидејќи токму со приемот на новата генерација првачиња се отвора уште едно поглавје во приказната на ООУ „Св. Климент Охридски“ – Драслајца.
Од училиштето им посакаа добредојде на првачињата, со желба нивниот прв училишен ден да биде почеток на едно убаво и незаборавно патување исполнето со знаење, пријателства, радост и успеси.
StrugaOnline

