Струшките пензионерки со злато на ХХХ-тите Пензионерски спортски игри во Охрид
Годините не се пречка за спортски успеси, а тоа на најдобар начин го потврдија трите стружанки Марија Ѓура, Виолета Опетческа и Олга Јовческа, кои се закитија со злато на ХХХ-тите Пензионерски спортски игри, што на 2 септември се одржаа во спортскиот центар „Биљанини извори“ во Охрид.
Натпреварувајќи се со најдобрите пензионерки од осум региони во Македонија, стружанките беа најуспешни во дисциплината шутирање пенали на мали голови. Од вкупно 15 можни удари, тие постигнаа дури 13 голови, шутирајќи од далечина од десет метри кон гол широк само 125 сантиметри.
Со својата прецизност, трите пензионерки се издвоија како вистински голгетерки на овогодишните спортски игри и заслужено го освоија првото место, оставајќи ги зад себе екипите на пензионерските здруженија од Гази Баба, Гостивар, Прилеп, Богданци, Пробиштип, Струмица и Македонска Каменица.
За успехот, сепак, не е заслужна само спортската среќа. Зад златниот медал стојат многу тренинзи, упорност и желба за победа.
„Сите овие години наназад на спортските пензионерски игри покажуваме дека и ние пензионерките, иако сите сме во седмата деценија од животот, знаеме да бидеме добри спортистки. Со нашите резултати покажавме дека Струга бил и останува фудбалски град во Македонија“, вели капитенот на екипата, Марија Ѓура.
Стружанките за натпреварот се подготвувале сериозно. Тренирале три пати неделно на теренот на ООУ „Јосип Броз Тито“ во Струга. Тренинзите, како што раскажуваат, биле напорни, особено во најголемите летни горештини, но желбата за успех била посилна од заморот.
Во подготовките голема поддршка имал и тимот од Комисијата за спорт при Здружението на пензионери од Струга, предводен од секретарот и претседател на Комисијата за спорт, Јован Попоски.
„Тренинзите беа напорни, особено во најголемата жештина од летото. Работевме вредно и упорноста, како и вербата дека сме добри, на крајот ни ја донесоа победата“, додава Ѓура.
Од Здружението на пензионери од Струга велат дека вложувањето во пензионерите-спортисти е вложување во нивното здравје, активност и поквалитетен живот.
„Ние како здружение вложивме многу во пензионерот-спортист, зашто со спортувањето пензионерите си го продолжуваат животот и го прават поинтересен и поздрав. Но, сепак, во спортот понекогаш треба да те следи и среќата“, вели Јован Попоски, претседател на Комисијата за спорт, кој и самиот во минатото бил спортист.
Златниот успех на Марија, Виолета и Олга уште еднаш покажа дека спортскиот дух не познава години. Со 13 постигнати голови од 15 удари, стружанките не само што го освоија златото во Охрид, туку испратија и силна порака дека активниот живот, дружењето и спортот можат да бидат составен дел од животот и во седмата деценија.
Текст и Фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

