Лев банер Десен банер

Охрид со низа настани ќе го одбележи 11 Октомври и 85 години од народното востание

Општина Охрид и Општинската организација на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца и годинава организираат пригодна програма по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, со кој се одбележуваат 85 години од почетокот на народноослободителната борба.

Програмата опфаќа книжевни, културни и свечени настани, со кои ќе се оддаде почит на историското значење на празникот.

Денеска, со почеток во 10 часот, во охридската библиотека ќе се одржи промоција на второто издание на книгата за деца „Ќерката на поетот“ од авторот Тоде Илиевски.

Централниот дел од денешната програма ќе започне во 11 часот, во Домот на културата во селото Лескоец, каде што ќе биде изведена музичко-сценската приказна „Од востание до независност“.

Културната програма продолжува утревечер, во 20 часот, со отворање на изложбата „Созерцанија“ од Томислав Танески, во Културниот центар „Култ“.

На самиот ден на празникот, во недела, со почеток во 11 часот, ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од Народноослободителната борба. Почит ќе им биде оддадена на борците и учесниците во борбата на спомен-обележјата во Градскиот парк, пред зградата на Основниот суд во Охрид, во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, како и на Градските гробишта.

Со овие активности, Охрид ќе го одбележи еден од значајните датуми во македонската историја, потсетувајќи на жртвата, храброста и стремежот за слобода на учесниците во народноослободителната борба.

StrugaOnline

error: