„Оркестар Титаник“ денеска на сцената на Народен театар Охрид
Претставата „Оркестар Титаник“ од бугарскиот автор Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски, ќе биде изведена денеска на сцената на Народен театар Охрид.
Почетокот на претставата е закажан за 20:00 часот, а билетите чинат 300 денари.
Во претставата настапуваат актерите Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Верица Недеска, Филип Кипровски и Томе Станковски. Костимите и сценографијата се на Сергеј Светозарев, додека музиката е на Димитар Андоновски.
„Оркестар Титаник“ носи приказна за луѓе кои живеат на напуштена железничка станица и ја чекаат можноста за промена, за својот „воз“ кој ќе ги одведе кон подобар живот. Преку нивните очекувања, соништа и разочарувања, претставата отвора прашања за надежта, човековото постоење и потрагата по сопствениот идентитет.
Режисерот Андреј Цветановски ја издвојува надежта како една од основните категории на човековото постоење.
„Надежта е основна категорија на човековото постоење. Она што нè издвојува и нè прави луѓе. Ако немаш надеж, ништо не си. Овие луѓе живеат на напуштена железничка станица и сонуваат за својот воз, за својот брод, за својот излез, за своето постоење. Низ таа потрага тие наоѓаат нешто што го имаат заборавено – сопственото јас и за што постојат овде“, вели Цветановски.
Публиката во Охрид ќе има можност да ја проследи претставата во петок, со почеток во 20:00 часот.
Билетите се во продажба на билетарата на Народен театар Охрид. Билетарата работи секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот, а на денот на изведбата од 13:00 до 20:00 часот.
Цената на билетот е 300 денари.
StrugaOnline

