Отворен конкурс за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2026 година
Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид распиша конкурс за избор на најдобра поема „Григор Прличев“ за 2026 година. Заинтересираните автори имаат можност да конкурираат со необјавена поема, а крајниот рок за доставување на делата е 21 ноември 2026 година.
Тематската содржина на поемата е слободна, но делата треба да исполнуваат конкретни услови. Поемата мора да содржи најмалку 912 стихови, при што секој педесетти стих треба да биде нумериран. Делото треба да биде напишано со фонт со големина од најмалку 11 и испечатено еднострано на А4-формат, во четири идентични примероци означени со шифра.
Од еден автор може да биде пријавено само едно дело, додека коавторските поеми нема да бидат прифатени. Конкурсот е анонимен, а за најдобрата поема е предвидена и парична награда.
Изборот на награденото дело ќе го врши тричлено жири составено од реномирани автори од Република Македонија. Согласно правилникот за критериумите и постапката за избор на најдобра поема, комисијата ќе ги извести авторите кои поднеле уредни пријави за резултатите од изборот.
За учество на конкурсот, авторите треба да ги достават своите необјавени поеми до НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, на адреса: ул. „Македонски просветители“ бр. 4, 6000 Охрид, со назнака „Пријава за избор на најдобра поема ‘Григор Прличев’“.
Организаторите посочуваат дека делата што нема да пристигнат во предвидениот рок или нема да ги исполнуваат условите од конкурсот нема да бидат земени предвид за наградата.
Дополнителни информации заинтересираните автори можат да добијат на телефонскиот број 046/261-063, преку електронската адреса **centarzakultura_ohrid@yahoo.com** или на официјалната веб-страница www.centarzakulturaohrid.com.mk.
StrugaOnline

