Лев банер Десен банер

Охридскиот кардиолог д-р Манчевски од болницата „Св. Стефан“ со научна презентација на престижниот светски конгрес TCT 2026 во САД

Охридската Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ повторно го потврдува своето место на меѓународната медицинска сцена. Д-р Дејан Манчевски, раководител на Одделот за перкутани артериски инвазивни процедури, ја претставува болницата на престижниот светски конгрес за интервентна кардиоваскуларна медицина TCT 2026, кој се одржува во Сан Диего, Соединетите Американски Држави.

Особено значајно е што охридската болница на овој реномиран меѓународен конгрес се претставува со усна научна презентација на сесијата „Cases With the Masters“, наменета за претставување комплексни и значајни медицински случаи пред водечки светски експерти од областа на интервентната кардиологија.

Д-р Манчевски го презентира случајот на напредна периферна васкуларна интервенција под наслов „Stentless BTK Revascularization of a TPT CTO in Rutherford 5 CLTI Using SPUR™ RST and DCB“. Станува збор за комплексна процедура за реваскуларизација на крвните садови на долните екстремитети, со примена на современа SPUR™ RST технологија и балон со лек-облога, со цел повторно воспоставување на крвотокот и зачувување на екстремитетот кај пациенти со тешка хронична исхемија.

Од болницата истакнуваат дека ова претставување е значајно признание за стручноста, посветеноста и професионалните достигнувања на д-р Манчевски, но и потврда за квалитетот и континуираниот развој на интервентната кардиоваскуларна медицина во Охрид.

ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ со години се позиционира како еден од водечките центри за кардиоваскуларна медицина во земјава, веднаш по Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје. Тоа, како што посочуваат од установата, се должи не само на обемот и видот на здравствените услуги, туку и на континуираното следење и применување на најновите достигнувања во современата кардиологија.

Учеството на TCT 2026 и презентацијата пред светската медицинска елита претставуваат уште еден чекор во афирмацијата на македонската интервентна кардиоваскуларна медицина и доказ дека и домашните медицински тимови активно придонесуваат во развојот на современите медицински практики.

Од охридската болница изразуваат надеж дека континуираниот развој и амбициите за следење на светските медицински трендови ќе продолжат да добиваат институционална поддршка, нагласувајќи дека секој индивидуален професионален успех е успех на целиот болнички тим.

Крајната цел, како што порачуваат од установата, останува унапредување на здравствената заштита, примена на современи медицински методи и обезбедување најдобра можна грижа за пациентите.

StrugaOnline

error: