Лев банер Десен банер

(ВИДЕО) Владимир Четкар со нов спот за „Охрид“ – музичка посвета на родниот град

Охридскиот гитарист и музичар Владимир Четкар го претстави новиот видеоспот за својата авторска композиција „Охрид“, инспирирана од убавината, препознатливиот дух и безвременската привлечност на неговиот роден град.

Новата композиција претставува музичка посвета на Охрид, пренесена низ автентичниот музички израз на Четкар, во кој се испреплетуваат влијанијата на џезот, соулот и фанкот.

Четкар стои зад целокупниот креативен процес на песната, потпишувајќи се како композитор, аранжер, текстописец, музички продуцент и изведувач на вокалните и гитарските делници. Снимањето и музичката продукција се реализирани во Чикаго и Њујорк, додека завршната постпродукција е изработена во Лондон.

Покрај премиерата на новиот видеоспот, Четкар продолжува со своите меѓународни концертни активности, со најавени настапи во Европа и Соединетите Американски Држави.

Првиот од претстојните концерти ќе се одржи на 16 октомври во Белград, во клубот „Bluz i Pivo“. Една недела подоцна, на 23 октомври, македонскиот музичар ќе настапи и во познатиот виенски клуб „Reigen Live“.

По европските концерти, Четкар ја продолжува музичката агенда во САД, каде што се најавени три настапи во ноември:

  • 14 ноември – Детроит, „Aretha’s Jazz Cafe“
  • 20 ноември – Њујорк, „Chelsea Table + Stage“
  • 28 ноември – Кливленд, „The Bop Stop“

Со објавувањето на „Охрид“ и продолжувањето на концертните активности надвор од земјата, Владимир Четкар ја носи македонската авторска музика пред меѓународната публика. Неговиот музички израз ги поврзува личната инспирација и љубовта кон родниот град со современите џез, соул и фанк звуци, претставувајќи ја македонската музичка сцена на светските концертни подиуми.

StrugaOnline

error: