Учениците од ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга ја истражуваа природата преку дигитална технологија во Охрид
Учениците од седмо одделение при ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга учествуваа на интерактивниот настан „LEVEL UP – Дигитални истражувачи на природата“, кој се одржа во петокот во Охрид, обединувајќи ги науката, дигиталната технологија и културата во едно поинакво образовно искуство.
Предводени од наставникот по биологија Антонио Ќосески, учениците имаа можност преку практични активности и современи дигитални алатки да стекнат нови знаења, да ја поттикнат својата љубопитност и да го истражуваат светот околу себе на интерактивен начин.
Настанот беше организиран од Europe House Struga, во соработка со „Охридски Времеплов“ и иницијативата „Растеме во природа“.
Во рамките на програмата, учениците ја истражуваа историјата и уметноста преку употреба на ВР-очила, филмски содржини и интерактивни дигитални игри. На овој начин, културното наследство им беше претставено преку современи технологии, овозможувајќи им поинаков пристап кон учењето и откривањето на минатото.
Посебен дел од активностите беше посветен на биологијата и изучувањето на живиот свет. Во биолошката работилница, под водство на едукаторката Ангела Тасеска, учениците користеа микроскопи, лупи и алатки со вештачка интелигенција (AI) за да ги набљудуваат и проучуваат живите организми, со посебен акцент на различните видови инсекти.
Преку непосредно набљудување и практична работа, младите истражувачи имаа можност да ја согледаат разновидноста на природата и да откријат како современите технологии можат да помогнат во научното истражување и учењето.
Посетата во Охрид претставуваше можност за учениците да ги поврзат теоретските знаења со практични искуства, поттикнувајќи ја нивната креативност, критичко размислување и интересот за науката.
StrugaOnline

