Денеска е Лазарева сабота, стружани имаат стар обичај за овој празник
На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар, во она време извршено од Богочовекот Исус Христос.

Со празникот се поврзани голем број на обичаи и верувања, од кои најпознат е обичајот „лазарки“. Кај народот се верува дека нивното пеење носи радост, среќа и благодат во куќата што ќе ја посетат. Лазарките го најавувале доаѓањето на пролетта и Велигден. Во христијанството овој празник ја означува победата на животот над смртта.
Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари.
Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот.
Именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо.
Во зборникот на браќата Миладиновци има информации за изведувањето на еден обичај во Струга, во минатиот век.
– Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Тој ден, а повике в недељата, в Цветници се собираат девојките по махали и направјет една од них невеста. Кого ке сретат на п’т обколисват и пејет секому по возраста му т.е. ако је неженет друга песна, ако је женат друга; ако је жена или девојка друга. Тој дават пари на невестата која му целива р’ка. Со тие пари накупвет нужните јела и се гоштевает и попраштает Лазара со ора и песни, пишуваат Миладиновци.
Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот. Особено со многу лирски чувства се исполнети песните за малите деца како што е и оваа песна од зборникот на браќата Миладиновци:
Малечкоо убоо, о Лазаре! На диван ми седеше,
со јаболко играше; мајка ле му викаше:
-Малечкоо убоо! Доста седе на диван,
доста играш с јаболко, дан’те царот догледат,
дан’ти царство поклонит! Уште речта не рече,
ми го царот догледа и му царство поклони.

