Лев банер Десен банер

Двојна победа за младинските категории на ЖКК „Струга 2009“ – кадетките и пионерките убедливи против Кичево

Кадетките славеа со 70:39, додека пионерките остварија уште поубедлив триумф од 83:14, за успешен настап на струшките кошаркарски надежи.

Одличен натпреварувачки настап за младинските категории на ЖКК „Струга 2009“, кои забележаа двојна победа против соодветните селекции на ЖКК „Кичево“. И кадетките и пионерките одиграа сигурно, покажувајќи квалитет, тимска игра и ефикасност на паркетот.

Во кадетска конкуренција, стружанки славеа со убедливи 70:39. Домашната екипа уште од самиот почеток ја презеде контролата врз натпреварот, добивајќи ја првата четвртина со 24:8. Предноста продолжи да расте и во следните две четвртини, во кои „Струга 2009“ беше подобра со 19:10 и 19:8. Во последната четвртина гостинките славеа со 13:12, но тоа не ја загрози убедливата победа на струшкиот тим.

Најефикасна во редовите на кадетките беше Т. Узунoска со 14 поени, а Коцареска постигна 12. Стеблева и Мијевска запишаа по осум поени, Крацоска и Танаскоска по шест, Коруноска и Мојсоска по четири, Положани и Дукоска по два, додека Џ. Ајдиноска натпреварот го заврши со еден поен.

Уште поубедлив настап имаа пионерките на ЖКК „Струга 2009“, кои ја декласираа екипата на Кичево со резултат 83:14.

Стружанки одиграа одлично уште од првата минута, добивајќи ја воведната четвртина со неверојатни 36:1. Во втората четвртина постигнаа уште 14 поени, наспроти седумте на гостинките, додека во третата целосно ја затворија играта во одбрана и не дозволија противникот да постигне ниту еден поен, а самите реализираа 22. Последниот период заврши со 10:6 во корист на домашната екипа.

Најзаслужна за убедливиот триумф беше Нелоска со 22 поени, а Дукоска Моника постигна 16. Спироска реализираше осум поени, Маркоска Ј. седум, а Мијевска Миа шест. Чакареска постигна пет поени, Ајдиноска четири, додека Пејчиноска, Чолаку, Денкоска, Маркоска И. и Матеска придонесоа со по два поени.

StrugaOnline

error: