Лев банер Десен банер

Проф. д-р Климе Попоски на два значајни меѓународни настани во Абу Даби – нови можности за соработка со ОАЕ

Проф. д-р Климе Попоски учествуваше на два значајни меѓународни настани во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, посветени на најновите достигнувања во областа на вештачката интелигенција, како и на можностите за продлабочување на соработката меѓу земјите од Балканот и ОАЕ.

На 6 и 7 октомври 2026 година, проф. Попоски присуствуваше на „AI Everything Abu Dhabi“, што се одржа во конгресниот центар ADNEC Centre. Настанот обедини меѓународни лидери, технолошки компании, стартапи и иноватори кои работат на развојот и примената на вештачката интелигенција во различни области.

Во рамки на настанот, проф. Попоски имаше можност да се запознае со најновите технолошки достигнувања и практични решенија засновани на вештачка интелигенција, со посебен потенцијал за примена во научноистражувачката дејност, образованието, јавниот сектор, индустријата и критичната инфраструктура.

Акцентот на современите технологии и нивната практична примена беше дополнет со учеството на проф. Попоски на годишната средба „Balkan Impact Network – BIN Annual Meeting 2026“, одржана на 8 и 9 октомври, во организација на Office of Development Affairs при Претседателскиот суд на Обединетите Арапски Емирати.

На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката меѓу ОАЕ и балканските земји во повеќе стратешки области, вклучувајќи инвестиции, иновации, образование и одржлив развој.

Во рамки на настанот, проф. Попоски претстави повеќе проектни иницијативи насочени кон развој на заеднички програми за стручно образование, истражување и градење институционални капацитети во областа на осигурувањето, управувањето со ризици и финансиската регулатива.

Меѓу предложените иницијативи се и примената на суверена вештачка интелигенција и автоматизација во регулирани и институционално чувствителни сектори, како и воспоставувањето мостови за соработка меѓу универзитетите и развојот на InsurTech-екосистеми, кои ги поврзуваат осигурувањето и современите технологии.

Дополнително, беа претставени можности за инвестиции и партнерства во земјоделството, производството на храна и управувањето со земјоделските и климатските ризици. Во фокусот беа и филантропски и јавнокорисни иницијативи поврзани со културата, здравството, квалитетот на воздухот и управувањето со отпадот.

Учеството на овие два меѓународни настани претставува можност за унапредување на меѓународната соработка и поврзување со потенцијални партнери од Обединетите Арапски Емирати.

Од аспект на академската заедница, ваквите активности придонесуваат за меѓународната афирмација на Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, отворајќи перспективи за идни заеднички проекти, размена на знаења и развој на иновативни решенија во образованието, истражувањето и стопанството.

StrugaOnline

error: