ЏК „Дрим“ Струга со 10 медали на меѓународниот џудо турнир „Град Херој – Цевитана Куп“ во Прилеп
Струшките џудисти остварија одличен резултат на меѓународниот турнир во Прилеп, освојувајќи еден златен, три сребрени и шест бронзени медали.
Уште еден успешен натпреварувачки викенд за Џудо клубот „Дрим“ од Струга, чии натпреварувачи остварија забележителни резултати на меѓународниот џудо турнир „Град Херој – Цевитана Куп“, кој се одржа во Прилеп.
Клубот настапи со вкупно 23 натпреварувачи, кои со борбеност, дисциплина и посветеност се претставија во одлично светло, освојувајќи вкупно 10 медали – еден златен, три сребрени и шест бронзени.
Највисокото место на победничкиот подиум го освои Ајлин Бајрамоска, која се закити со златен медал и прво место.
Сребрени медали и втори места освоија Анастасија Јовческа, Мелани Јакуповска и Мила Стојанова.
Со бронзени медали и освоени трети места се закитија Дарио Стојанов, Дамјан Пејоски, Давид Спироски, Енил Ајдиноски, Мунир Ајдиноски и Мила Стојмиловска.
Од ЏК „Дрим“ Струга упатија честитки и до останатите 13 натпреварувачи кои овојпат не успеаја да освојат медали, но со своите настапи покажаа борбеност, храброст, дисциплина и вистински спортски дух.
Од клубот посочуваат дека секој настап на татамите претставува ново искуство и можност за напредок, а секоја борба е важен чекор кон идните успеси.
„Горди сме на сите наши натпреварувачи, на нивниот труд, посветеност и желба за докажување. Продолжуваме да работиме, да учиме и да се бориме за нови успеси“, порачуваат од струшкиот клуб.
Воедно, од ЏК „Дрим“ упатија благодарност до организаторите на турнирот за одличната организација и гостопримството.
Со освоените 10 медали и настапот на сите 23 натпреварувачи, ЏК „Дрим“ Струга продолжува да ги охрабрува младите џудисти да напредуваат, да стекнуваат нови искуства и да го претставуваат својот клуб на натпреварувањата.
StrugaOnline

