Струга домаќин на Седмиот конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество
Над 180 учесници и гости од регионот ќе ги споделат најновите научни истражувања од областа на екологијата на Конгресот што ќе се одржи од 15 до 18 октомври во хотелот „Дрим“ во Струга.
Македонското еколошко друштво (МЕД) го организира Седмиот конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, еден од најголемите научни собири во регионот посветени на еколошките истражувања и актуелните предизвици во заштитата на животната средина.
Конгресот ќе се одржи од 15 до 18 октомври во хотелот „Дрим“ во Струга, а официјалното отворање е закажано за четврток, 15 октомври, со почеток во 14 часот.
Годинешното издание ќе собере над 180 учесници и гости од регионот, меѓу кои и студенти и млади научници, кои ќе имаат можност да ги презентираат своите истражувања, да разменат научни сознанија и да воспостават соработка со колеги од земјата и странство.
Научната програма опфаќа шест тематски секции, во рамки на кои ќе бидат презентирани истражувања за загадувањето на воздухот, водата и почвата, биолошката разновидност и нејзината заштита, шумарството и земјоделството, управувањето со природните ресурси, промените во животната средина и еколошката едукација.
Преку овие тематски области, конгресот ќе понуди простор за дискусија за актуелните еколошки прашања, научните достигнувања и можностите за унапредување на заштитата на природата.
Македонското еколошко друштво ги организира конгресите на еколозите еднаш на секои четири години, со цел да го поддржи развојот на екологијата како научна дисциплина и да обезбеди платформа за презентирање на истражувачката работа на македонските еколози.
Традицијата започна во 1998 година, кога во Охрид се одржа првиот конгрес. Оттогаш, во овие научни собири учествувале најмалку 1.200 учесници и предавачи од повеќе од 15 европски земји. Во изминатите изданија биле презентирани околу 1.050 научни трудови, од кои дел се објавени во две книги на пленарни реферати и шест зборници на трудови.
Со одржувањето на седмиот конгрес во Струга, МЕД продолжува да ја развива оваа научна традиција, поттикнувајќи размена на знаења и соработка меѓу истражувачите посветени на проучувањето и зачувувањето на животната средина.
StrugaOnline

