Ердал Љушо: Целта на школата за едрење во Струга е здрава и разумна младина која ќе го краси езерото со бели едра

Едриличарскиот клуб „Снегар“ од Струга овој месец ја започнува јуниор програмата за едрење која ќе биде наменета за деца на возраст од 6 до 15 години. За интересот за овој спорт, како и за сите техники и вештини со кои ќе се стекнат децата кои ќе бидат дел од Школата за едрење, разговаравме со Ердал Лушо, тренер во едриличарскиот клуб „Снегар“.

Strugaonline: Да ги мотивираме сите оние кои сакаат да се пријават, кои техники ќе имаат можност да ги совладаат на часовите по едрење?
Ердал Љушо: Учесниците на оваа школа ќе имаат можност да се стекнат со прекрасни искуства, а во техниките од едриличарството кои ќе ги научат спаѓаат:запознавање со бродот и терминологијата, управување со бродот, одржување на курс-правец ( со ветар, полн ветар, крмени ветар ) летање , кружење, сурфање на бран , превртување,читање на ветерот , тримување на едрото и други. Исто така ќе ја научат и стратегијата според географската положба на натпреварот, а најважно од се е користењето на сите овие техники истовремено во еден момент.
Strugaonline: Колкав е интересот до сега и колкава бројка на учесници очекувате до крајниот рок за пријавување?
Ердал Љушо: Интересот не недостасува, но многу поважно е прашањето дали тој интерес ќе се одвива во континуитет. Зборуваме за несекојдневен спорт за нашиот регион. Исто така, за овој спорт има предрасуди од страна на родителите. Тие често стравуваат за безбедноста на нивните деца. Се обраќам директно до родителите, нека ги испратат своите деца на едрење. Едрењето го практикувам јас лично веќе 17 години и никогаш не сум скинал или пак истегнил лигамент, не сум се оперирал од препони, не сум отчашил рамо или пак искрсшил заб. Напротив, науучив да пливам повеќе од просечните пливачи, научив како да ја совладам паниката,како секогаш да наоѓам правилно решение во најтешки временски услови без никој да ми помогне. Токму поради овие вештини, оваа година очекувам поголема заинтересираност и соработка со родителите за една здрава и разумна младина која ќе го краси езерото со бели едра.

Strugaonline: Кој е стручниот тим кој ќе работи со учесниците на оваа школа?
Eрдал Љушо: Стручниот тим се состои од неколку луѓе кои се големи вљубеници во овој спорт. Владимир Кавај по моделарство кој воедно е и претседател на ЕК „Снегар“ од Стуга , Лазо Ѓоргоноски е дел од нашиот тим како психолог, Бојан Кавај лиценциран тренер од ИСАФ (Интернационална Едриличарска Федерација) левел 3 и јахтинг, додека Иван Андреески и Антонија Блажески се грижат за виндсурфот( едрење на даска), и јас -Ердал Лушо, тренер за јуниорската класа „Оптимист“ и олимписките класи .Како кондициони тренери се јавуваме јас и Антонија Блажески.

Strugaonline: Што до сега ви покажа праксата, што е пресудно, талентот желбата или посветеноста?
Ердал Љушо: Јас верувам во дисциплина. инаку да, важни се талентот, желбата, мотивацијата и посветеноста. Но според искуството кое го имам до сега, можам да кажам дека се на крај се сведува на дисциплината и напорната работа. Дисциплинирани треба да бидеме и во овој спорт и во секоја друга област од нашето живеење.

Strugaonline: Која според Вас е најсоодветната возраст за да се започне со едрење?
Ердал Љушо: Најсоодвента возраст би била од 6 до 9 години, иако овој спорт апсолутно не е ограничен со возраста, постојат светски првенста под категорија „ГРЕЈТ ГРАНД МАСТЕРС“ во која едриличарите имаат исклучиво над 65 години, замислете на таа возраст возaт ласер стандарт со 7.1 метри квадратн и едро на 20 чвора ветар. Овој пример е најголем доказ дека возраста не е услов и не може да биде пречка.
Што се однесува до овогодинешната школа по едрење, сакам да напоменам дека учесниците на школата ќе бидат групирани според тежината, возраста и искуството. Кампот ќе се одржи во периодот помеѓу 20.06.2017 и 20.08.2017. Сите заинтересирани, треба да достават пополнет формулар за учество најдоцна до 18.06. 2017 година во Кафе бар Регата.
Извор: Strugaonline
Ирена Мрческа

