Утре сениорите на РК Струга против Вардар, кадетите против Еурофарм Пелистер 2, а пионерите на гости против Тиквеш
Ракометарите на Струга ги очекува исполнет спортски викенд со натпревари во сениорската и младинските конкуренции. Во фокусот е дуелот на сениорскиот тим против актуелниот шампион Вардар 1961, додека кадетите и пионерите ќе имаат можност да ги покажат своите квалитети и напредокот на теренот.
Први на терен ќе истрчаат кадетите на Струга, кои во сабота, на 10 октомври, со почеток во 15 часот, во спортската сала „Тими“ ќе го пречекаат составот на Еурофарм Пелистер 2, во рамки на Кадетската машка лига.
Веднаш потоа, со почеток во 18:30 часот, следува големиот предизвик за сениорите. Струга на домашен терен ќе се соочи со Вардар 1961, актуелниот шампион, во натпревар од Супер машката лига. Стружани ќе ја имаат поддршката од домашната публика, од која очекуваат да биде нивниот дополнителен мотив во дуелот со силниот противник.
Ракометниот викенд продолжува во понеделник, на 12 октомври, кога пионерскиот состав на Струга ќе гостува кај ГРК Тиквеш 2014 во Кавадарци. Натпреварот од Пионерската машка лига е закажан за 13 часот, во спортската сала „Јасмин“.
За младите ракометари, овој дуел претставува нова можност за стекнување искуство, тимско надградување и потврда на трудот вложен на тренинзите.
Од РК Струга ги очекуваат натпреварите со мотивираност и тимски дух, а посебен повик упатуваат до навивачите да ги поддржат сениорите и кадетите во сабота во салата „Тими“ Во Струга.
Распоред на натпреварите:
- Сабота, 10 октомври, 15:00 часот: РК Струга – РК Еурофарм Пелистер 2 (кадети), сала „Тими“, Струга.
- Сабота, 10 октомври, 18:30 часот: РК Струга – РК Вардар 1961 (сениори), сала „Тими“, Струга.
- Понеделник, 12 октомври, 13:00 часот: ГРК Тиквеш 2014 – РК Струга (пионери), сала „Јасмин“, Кавадарци.
StrugaOnline

