Вечерва значајно полуфинале помеѓу Вардар и Мешков Брест

- Спорт
735

Во својот осми настап на Ф4 турнирите на СЕХА Газпром лигата ракометарите на Вардар посакуваат да станат први и единствени со три триумфи по ред, и единствен тим со пет трофеи. На патот на тоа остварување први им стојат шампионите на Белорусија, тимот на Мешков Брест. Домаќините на завршниот турнир сезонава добија можност по вторпат да играат пред домашна публика во годината кога градот Брест прославува 1000 години од основање.

Натпреварот од полуфиналето на СЕХА Газпром лигата се игра вечерва од 19:00 часот во салата „Викторија” во Брест. Во второто полуфинале се среќаваат ППД Загреб и Нексе.

Вардар на турнирот допатува како актуелен победник, но и како тим што обезбеди пласман во четврт-финалето на ЕХФ лигата на шампионите по двете победи над ППД Загреб. Од друга страна Мешков е елиминиран од осминафиналето од германски Флензбург и токму во СЕХА гледа какво-такво спасување на сезоната.

„Против Загреб победивме убедливо таму, па можевме да си дозволиме поголема ротација во Скопје. Можеби не игравме добро како таму, но ќе бидеме подготвени за нов натпревар, иако немавме многу време за тренинзи. Брест е многу добра екипа, особено се силни на домашен терен и играат со ист интензитет цел натпревар, па ќе ни биде многу тешко против нив, но сакаме место во финале, вели Роберто Парондо тренерот на Вардар.

Според Парондо токму играњето во континуите сите 60 минути треба да биде клучот на успехот.

„Ако ние играме како што треба, имаме шанси за победа, но и Брест посакува исто. Против Брест треба да играме одлично цели 60 минути, не може да славиме само со едно добро полувреме. И тие посакуваат победа, па ќе биде интересен натпревар”, вели Парондо.

„Немаме притисок бидејќи веќе навикнавме да играме на вакви средби и тоа во континуитет. Секоја година сме на Ф4 и сакаме да ја освоиме СЕХА. Имаме респект кон Мешков Брест и овој тим има предност бидејќи игра дома пред своја публика, а секогаш кога игра на домашен терен игра подобро. Можеби им давам мала предност, но веќе е добро познато како ние се бориме под притисок. Ќе биде тешко, Брест има предност, но ние сме Вардар, смета Тимур Дибиров.

На Ф4 турнирите во СЕХА лигата досега Вардар има две победи, една во финалето во 2014 година во Нови Сад и плус уште во полуфиналето лани во Скопје. Единствениот пораз е во Веспрем во 2015 година, но во меч за трето место.

Извор и фото : РК Вардар

Facebook Коментари