Христос се роди – за многу години – честит Божиќ!
Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди!
Кого и што славиме на Божик?
На Божик се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме Неговиот роденден.
Бог постанал човек. Бог дошол на земјава. Христос е Син Божји Којшто е роден како човек од Дева Марија. Он е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот – нема грев, безгрешен е.
Каде се родил Исус и зошто?
Една ноќ, во градот Витлеем – во пештера, се родил Господ Исус Христос.
Он е Спасител. Дошол за да нè спаси. Дошол за да можеме ние да бидеме како Него во своите животи. Да бидеме добри, како што е добар Бог – добри секогаш, со секого и секаде.
Раѓањето на Господ Исус Христос
Богородица живеела со Јосиф во Назарет. Таа година, дошла наредба од римскиот цар Август да се изврши попис на населението. Според законот за пописот, требало секој да отиде во родното место на неговите родители и дедовци, од каде што потекнувал, и таму да се попише. Потеклото на Јосиф и Марија било од Витлеем, од родното место на царот Давид, бидејќи и тие биле од неговиот род.
Уште во Назарет Јосиф знаел дека Марија ќе постане мајка. Нему му се јавил ангел Господов и му кажал дека зачнатото во неа е од Светиот Дух. Му го кажал и тоа дека таа ќе роди Син и му рекол: – Ќе Му ставиш име Исус, што значи Спасител, бидејќи Он ќе го спаси народот.
Сето тоа било предвидено и претскажано со векови порано. Во Библијата било запишано тоа што го рекол пророкот Исаија и се исполнило. А тој рекол: И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!
Тие тргнале кон Витлеем. Патот бил долг и тежок. Многуброен народ одел кон царскиот град – кон градот Давидов. Кога стигнале таму, веќе немало место каде да ноќеваат. Затоа се сместиле во една пештера, близу до градот. Таму пастирите, во невреме, ги засолнувале своите стада.
Во таа ноќ се случил најзначајниот настан во животот на човештвото. Таа света ноќ, пресветата Дева Марија Го роди Богочовекот, Спасителот на светот, Го роди Христа Господа. Таму, в пештера, Го роди Богомладенецот. Самата Го пови и Го стави во јаслите, како во лулка. А таму се става храната – слама или сено, за да се нахранат кравата, магаренцето, јагнето. Синот Божји не се роди во царска палата, туку во пештера.

