Лев банер Десен банер

Алармантна состојба со долгови и загадување во Струга – најавена јавна дебата за водата и отпадот

Сериозни проблеми со управувањето со водата, отпадот и јавните услуги се нотираат во Струга и околните населени места, каде долгогодишната негрижа резултирала со значителни долгови и нарушена животна средина, велат од Општина Струга.

Според информациите, кон ЕВН и други јавни и приватни субјекти се наталожени обврски во висина од илјадници евра, најчесто поврзани со потрошувачката на електрична енергија за водоводните и канализациските системи.

Најалармантна е состојбата во селото Долгожда, каде долговите достигнуваат 15.543.290 денари (околу 254.000 евра). Во селата Мислешево, Франгово, Боговиње и Поум, вкупните обврски изнесуваат околу 506.400 денари (приближно 8.300 евра). Во тек е и дополнителна анализа на состојбата во јавното претпријатие во Октиси.

Покрај финансиските проблеми, загрижува и состојбата со животната средина. Во повеќе населени места се забележуваат диви депонии, преполни ридови со цврст отпад, како и затрупани канали и потоци со урбан отпад.

Од Општина Струга посочуваат дека ваквата состојба е резултат на долгогодишно неодговорно управување и најавуваат конкретни чекори за нејзино надминување. Во таа насока, во наредниот период ќе биде организирана јавна дебата со граѓаните и локалните претставници.

Целта на дебатата ќе биде да се отворат клучни прашања поврзани со подобрување на водоснабдувањето, укинување на паушалните плаќања, зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија и воспоставување нови стандарди за заштита на животната средина.

„Потребно е да воведеме ред и одговорност во системот, со конкретни мерки таму каде што се неопходни“, порачуваат од Општина Струга, нагласувајќи дека решавањето на овие проблеми е приоритет за подобрување на квалитетот на живот во регионот.

StrugaOnline

error: