Отворен конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга
Националната установа – Манифестација Струшки вечери на поезијата од Струга објави конкурс за доделување на престижната награда „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик меѓу два фестивала.
Право на учество имаат автори и издавачи со поетски книги објавени во периодот од 1 јуни 2025 до 1 мај 2026 година. Конкурсот официјално е отворен од денеска, 14 април и ќе трае до 1 мај 2026 година.
Според објавените критериуми, наградата се доделува за оригинално поетско дело напишано на македонски јазик. Дозволено е учество и со двојазични изданија, доколку македонскиот текст е оригинален, а не превод. Пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи, со можност за пријавување на повеќе наслови.
Во конкуренција ќе влезат само книги кои се првообјавени во наведениот период, имаат ISBN број и не содржат значителен дел претходно објавен материјал. Коавторски дела, како и книги објавени од самата установа организатор, нема да бидат разгледувани.
Дополнително, право на учество немаат членови на управните тела, вработени во установата, членови на жири-комисијата и нивни блиски роднини. За книги објавени под псевдоним, потребно е да се достави доказ за авторството доколку псевдонимот не е широко познат.
За учество, потребно е да се достават шест примероци од книгата по пошта на адресата на установата во Струга, со назнака дека се однесуваат за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година. Препорачливо е делата да се испратат и во електронска форма, но тоа не е задолжително.
Пријавените книги ќе ги оценува петчлена жири-комисија, а резултатите ќе бидат објавени согласно правилникот на манифестацијата. Висината на паричната награда ќе биде дополнително утврдена со одлука на Управниот одбор.
Наградата „Браќа Миладиновци“ важи за едно од најзначајните признанија во македонската поезија и традиционално се доделува во рамки на Струшки вечери на поезијата, привлекувајќи големо внимание од литературната јавност.
StrugaOnline

