Богата програма и новитети на Drim Short 2019 во Струга

- Локални
568

Oрганизаторите го најавуваат  третото издание на фестивалот на краток филм Drim Short кое од 27-ми до 29-ти декември ќе се одржи во Струга под мотото „Погледни под површината“. Под површината се крие магијата на филмот и цели нови универзуми, или корегирани рефлексии на светот во кој живееме. Таму филмските уметници кријат многу вистини за нашиот свет и преку филмското платно ја повикуваат публиката храбро да зачекори внатре. Од ,,под површината” секој може да понесе со себе по малку вистински вредности и размисли кои со сигурност ќе ја разубават и реалноста. Под површината на струшкото еднолично и црно-бело постоење, се крие културниот портал кон магијата на филмот, Drim Short 2019.

Фестивалот на краток филм ја оствари примарната цел и го продолжува континуитетот и фестивалот станува традиција.

„Последниот декемвриски викенд ќе ги згрееме срцата со повеќе од 40 различни кратки приказни од светот. Првата новост на фестивалот е тоа што за првпат националната, студентската и интернационалната категорија ќе имаат натпреварувачки карактер. Регионалната програма прераснува во интернационална, а селекцијата ќе ја прави нашиот драг соработник и селектор Иван Бакрач. Филмската програма ја заокружуваме со гостинска програма од реномираниот фестивал на кратки филмови Interfilm од Берлин.“ – велат од дирекцијата на фестивалот. 

Потоа ќе следуваат отворените мастерклас сеанси и разговори со познати филмски имиња на теми кои сигурно ќе ги заинтересираат младите филмаџии. Годинава мастерклас ќе одржи Ингрид Бирбаум, новинарка, филмски критичар и селектор на документарната програма на interfilm, на тема ,,Како до фестивалска дистрибуција на краткиот филм” и ,,Медени разговори” со режисерите на ,,Медена земја” Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кои пред публиката ќе ги пренесат своите искуства за кратката филмска форма и ќе ги споделат импресиите од неодамнешните успеси. За крај ќе следува музичката ОФФ програма како неизбежен белег на  фестивалот. 

„И оваа година ќе се обидеме да анимираме нови простори во градот, создадени или рекреирани специјално за фестивалот Drim Short во НУЦК ,,Браќа Миладиновци “- Струга. Со тоа не само што ги носиме луѓето назад во кино и во матичната институција, туку пред се’ создаваме импровизирани кино сали ,,под површината” и таму каде што ги нема.“ – порачуваат организаторите.

Од таму додаваат дека целта е да се заживеат на поинаков начин некои сегменти од институциите кои никогаш не се користат или имаат сосема тривијална намена. Истовремено, сакаат да укажат потребата од мала кино сала која на градот му е неопходна во зимскиот период.

Strugaonline

Facebook Коментари