Членови на „Рупикапра МТБ Струга“ со велосипед поврзаа три планини и три врвови
Членови на здружението за планински велосипедизам „Рупикапра МТБ Струга“ реализираа несекојдневна планинско-велосипедска тура низ Стогово, Караорман и Славеј Планина, при што поминаа 66 километри и совладаа околу 2.500 метри висинска разлика.
Во рамки на турата велосипедистите искачија три планински врвови – Бабин Срт, со надморска височина од 2.241 метар, Алипашица (1.984 метри) и Славеј (1.714 метри).
Особено впечатливи биле погледите од Бабин Срт и Алипашица, од каде што се отвораат широки панорами кон Охридското Езеро и околните планински врвови. Турата, велат од „Рупикапра“, уште еднаш го покажала природниот потенцијал на овој дел од Западна Македонија за развој на активниот и авантуристичкиот туризам.
Бабин Срт, висок 2.241 метар, се наоѓа на подрачје каде што се среќаваат териториите на општините Струга, Центар Жупа, Кичево и Дебрца. Ова ја прави планинската област интересна и од аспект на поврзување на повеќе општини преку развојот на активниот туризам.
Членовите на „Рупикапра МТБ Струга“ ја поминаа трасата во целост, а патеката ја снимија и ја обележаа со GPS, документирајќи уште една можност за планински велосипедизам во овој недоволно истражен дел од земјата.
Од здружението посочуваат дека ваквите активности се насочени кон промоција на природните убавини на регионот и негово афирмирање како атрактивна дестинација за активен и авантуристички туризам, особено за планинските велосипедисти и љубителите на природата.
Западна Македонија располага со голем број планински патеки, врвови и природни предели кои сè уште се недоволно истражени, а нивното мапирање и промоција може да отвори нови можности за развој на одржливиот активен туризам.
StrugaOnline

