Еден век историја покрај Црн Дрим: Струшката куќа што сè уште го чува духот на едно време
Во срцето на Струга, на самиот брег на реката Црн Дрим, каде што водите на Охридското Езеро го продолжуваат својот тек, се наоѓа куќа која еден век претставува нем сведок на историјата, архитектурата и животот во градот.
Изградена во 1926 година од Димко Милевски, оваа импозантна градба не е само пример за квалитетна градителска традиција, туку и симбол на едно време во кое европските архитектонски влијанија успешно се спојувале со локалниот дух. Проектот, донесен од Германија, претставувал современо архитектонско решение за тогашните прилики, внимателно приспособено на амбиентот на Струга.
Куќата е изградена со исклучителна посветеност и квалитетни природни материјали. Нејзиното приземје е изведено од камен со дебелина од 55 сантиметри, каменот не е само материјал, туку патување. Донесен со чунови од селото Калишта, пловејќи по водите на езерото, секој блок носи приказна за труд, за време, за човечка упорност.
Катот и поткровјето се изградени од печена тула, материјал кој обезбедувал цврстина, но и топлина на домот. Посебно внимание привлекува меѓукатната конструкција, изработена од костенови греди – дрво познато по својата издржливост и долговечност. И по речиси сто години, овие греди сè уште ја носат конструкцијата, потврдувајќи го квалитетот на тогашното градителство.
Фасадата, украсена со префинети архитектонски детали, и денес го отсликува вкусот и естетиката на минатото. Каменот во основата симболизира сигурност, тулата – топлината на домот, а дрвената конструкција ја претставува неговата душа.
Денес, оваа куќа мирно стои покрај Црн Дрим, набљудувајќи го секојдневниот живот во Струга. Илјадници минувачи поминуваат покрај неа, без да знаат дека зад нејзините ѕидови се испишани речиси сто години семејни приказни, спомени и историја.
Во градот познат како „градот на поезијата и водата“, ваквите објекти не се само староградски куќи – тие се живо културно наследство, мост меѓу минатото и сегашноста и потсетник дека вистинските вредности се градат да траат со генерации.
StrugaOnline

