Лев банер Десен банер

ХЕС „Црн Дрим“ ја започна акцијата за косење на ресите во реката Црн Дрим

Со цел зачувување на уредениот изглед на реката Црн Дрим и заштита на животната средина, АД ЕСМ преку својата Подружница ХЕС „Црн Дрим“ и оваа година ја започна традиционалната акција за косење на ресите во градскиот тек на реката во Струга.

Од компанијата информираат дека, иако ова не претставува нивна законска обврска, активноста ја реализираат како дел од својата долгогодишна заложба за општествена одговорност и грижа за заедницата, со цел да се зачува автентичната убавина на Струга и нејзиното најголемо природно богатство.

По спроведената тендерска постапка и изборот на специјализирана компанија за чистење на речното корито, работите на терен официјално започнаа денес. Според предвидената динамика, косењето на ресите треба да заврши најдоцна до петок, 3 јули.

Од ХЕС „Црн Дрим“ посочуваат дека крајот на јуни е најсоодветниот период за ваков вид интервенција, бидејќи на тој начин се спречува пребрзото повторно израснување на водната вегетација во текот на летната туристичка сезона.

Грижата за реката, додаваат од компанијата, не завршува со оваа акција. Во план е и второ косење на ресите кон крајот на октомври, со што речното корито ќе биде чисто и уредено во пресрет на големиот христијански празник Водици.

Од АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ порачуваат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон заштита и одржување на реката Црн Дрим, со цел да се зачува нејзината природна убавина и да се обезбеди пријатна и чиста средина за граѓаните и посетителите на Струга.

StrugaOnline

error: