Градоначалникот Менди Ќура оствари средба со амбасадорката на Република Чешка во Македонија – Ирена Гецова
Бизнисот, туризмот и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу градоначалникот Менди Ќура и чешката амбасадорка Ирена Гецова.
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, оствари работна средба со амбасадорката на Република Чешка во Македонија, Ирена Гецова, на која беа разгледани актуелните предизвици со кои се соочува општината, како и можностите за воспоставување и продлабочување на меѓународната соработка.
Во фокусот на разговорите биле потенцијалите за соработка во неколку значајни области, меѓу кои бизнисот, туризмот и управувањето со отпадот.
Амбасадорката Гецова изразила интерес за развој на партнерства и иницијативи што би придонеле за размена на искуства и примена на добри практики во овие области.
Како една од можностите за унапредување на билатералните односи, на средбата било предложено и збратимување на Струга со општина од Република Чешка. Ваквата иницијатива би можела да постави основа за долгорочно партнерство, размена на знаења и искуства, како и реализација на заеднички проекти од интерес за граѓаните.
Средбата претставува можност за отворање нови перспективи за соработка меѓу Струга и чешките општини, со акцент на развојот на локалната економија, унапредувањето на туристичката понуда и подобрувањето на управувањето со отпадот.
Преку ваквите контакти, Општина Струга настојува да ги прошири можностите за меѓународно партнерство и да воспостави соработка што би придонела за одржлив развој и подобар квалитет на живот на граѓаните.
StrugaOnline

