„Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ од Рисимкин вечерва на Охридско лето

- Локални
576

Со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ , една од водечките домашни кореографи, уметнички директор на светски реномираниот „Скопје танц-фест“ и основач на првата официјална компанија за современ танц во земјата, Рисима Рисимкин, вечерва во 21 часот во Предворјето на црквата „Св. Софија“ ќе го одбележи јубилејот, триесет години активно кореографско творештво, како дел од годинешното издание на Охридско лето.

Танцови солисти на вечерта посветена на Рисимкин ќе бидат Андријана Данчевска во улогата на фатална жена, Мими Поп-Алексова како божица, Анастасија Данчевска – лебед, Дејан Битровски – мистик, Валентино Апостоловски како човекот, антихеројот Бобан Русески и Исидора Краљевска како „Bombshell“.

Рисима Рисимкин  е еднa од водечките македонски кореографки и уметничка директорка на „Танц фест“ Скопје и „Скопје танцовиот театар“, првата официјална компанија за современ танц во Северна Македонија. Д-р Рисимкин е редовен професор на Катедрата за современ танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Магистрира на Универзитетот во Пловдив, Бугарија на Академијата за Музичка и танцова уметност (АМТИ) на отсек за кореографија, балетска режија и педагогија, со звање балет-мајстор, a докторира на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје .

Рисимкин е основач на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, која произлегува од нејзината соработка со една од најдобрите светски академии за современ танц – Ротердамската академија за современ танц, дел од универзитетот КОДАРТС во Холандија. Оваа високо-образовна програма започнува со работа во земјава во 2010 година, а од 2017 година е во рамките на УГД, како единствена академија за создавање на современи танчери, не само во нашата земја туку и во целиот регион.

Како професор за современ танц, импровизација и композиција и кореографија, Рисимкин предава на Универзитетот „Антон Брукнер“ од Линц, Австрија (2019), Универзитетот „Минзу“ и Пекингшката академија за современ танц во Пекинг, Кина. Академијата за изведувачки уметности во Братислава, „Holland Dance Festival“, Хаг, Холандија (2018) и на Бродвеј, Њујорк (2018), предава на Летениот камп за современ танц во Кина во 2015  и во 2016 година.

Рисимкин е автор на повеќе трудови за современиот танц и теорија на танцот:  „Компаративна поетика на современите танцови стилови во Европа – 20 век“ , докторски труд „Историја на современиот танц – 20 век“, „Теорија на танцот“. Таа е уредник на повеќе книги за танц, како: „Волшебниот свет на танцот“, „На крилјата на танцот“, „Патот на промените“, „Скопје танцова академија“, „Нов танцов театар“ а преку Интерарт центарот, се јавува како издавач на книгата поддржана од УНЕСКО „Уметноста на танцот“.

Во периодот од 2005 – 2013 година, Рисимкин е член на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО (Интернационален совет за танц, под покровителство на УНЕСКО) во Париз, Франција, во два последователни мандата. Во сезоната 2012-2103 г.  Рисимкин е уметнички директор на Националниот балет на Анталија, Турција.

Основач е на Интерарткултурниот центар (1996) преку чии активности ја развива македонската современа танцова сцена. Се вбројуваме меѓу најплодните современи македонски кореографи, како авангарден претставник во современото творење. Ја претставува активно Северна Македонија на меѓународната современа танцова сцена со свои претстави, за кои добива одлични критики. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Награда за исклучителен придонес за развој на културата во Република Северна Македонија.

Рисима Рисимкин ја претставува Северна Македонија како кореограф во: Данска, Германија, Грција, Португалија, Нигерија, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Велика Британија, Холандија, Кина, Словенија и САД. Претставата „Идентитети“ која ја подготви со Скопје танцовиот театар, а која беше  изведена во рамките на Јубилејот 15 години на „Танц фест“ 2019, е поканета да гостува во еден од најпрестижните светски театари за современ танц, Националниот театар „Шајо“ во Париз, Франција, што ќе претставува прво гостување на современ кореограф, не само од нашава земја, туку и од целиот регион.

 

Facebook Коментари