Изложба ,,Ретроспектива“ на познатиот струшки уметник Даме Затуроски

- Локални
338

,,Ретроспектива“ е насловот на изложбата на познатиот струшкиот уметник Даме Затуроски што на 2-ри Август ќе биде отворена во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга.

Љубителите на уметноста ќе имаат можност да погледнат педесет уметнички слики изработени во плодната уметничка кариера на Затуроски последниве дваесет години, а дел од сликите се инспирирани токму од родната Струга.

Затуроски вели дека најмногу го инспирира мртва природа, но во педесетте уметнички слики има и портрети, дела инспирирани од народни носии и обичаи, а вечна инспирација за него е и Охридското Езеро.

,,Станува збор за уметнички слики изработени во повеќе техники како што се пастел, молив, јаглен, темпера и туш. Како уметник преферирам класичен реализам, односно се што може да види човечкото око. Стружанец  сум и сосема е очекувано инспирација да ми биде родниот град, посебно затоа што природата овде била многу дарежлива. Посетителите на изложбата ќе имаат можност да видат како сум се развивал како уметник изминативе две децении, иако со уметност се занимавам многу подолго. Сликам уште од основно училиште-изјави за Strugaonline, Даме Затуроски.

Тој додава дека иако по професија е правник, уметноста е неговиот живот и создава околу сто дела годишно.

Освен со сликање, Даме Затуроски се занимава и со изработка на макети на стари бродови и верски објекти. На оваа изложба публиката ќе има можност да види и фотографии од макетите по кои што е посебно познат.

Затуроски не прави планови за иднината на професионален план, создава природно и спонтано, но, како што вели, негова желба е за две до три години да направи самостојна изложба со дела изработени во техниката минијатурен јаглен.

Strugaonline

 

Facebook Коментари