Изложбата ,,Ченто биографија низ фотографии“ во петок ќе биде отворена во Струга

- Локални
326

Во фоајето на Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга, во петок, 02.12 со почеток во 12:00 часот ќе биде отворена изложбата ,,Ченто биографија низ фотографии“.

-Со започнувањето на процесот за независноста и осамостојувањето на Република Македонија се почесто се зборуваше за името на големиот македонец, борец, деец и политичар, Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Од тој период до денес, повеќе историчари, публицисти други личности, вклучувајќи го и синот на ЧЕНТО, Илија Андонов, напишаа повеќе публикации, а беа издадени и зборници за животот и делото на човекот – визионер, кој уште во минатото знаеше дека Македонија еден ден, ќе стане независна и самостојна држава. Во чест на ЧЕНТО, подигнати се повеќе меморијални споменици, спомен -обележја, а воедно, создадени се и повеќе уметнички и други дела. Желба ми бише и јас да дадам свој придонес во расветлувањето, а пред се во презентирањето на ликот и делото на ЧЕНТО, создавајќи едно дело, но со поинаква форма и содржина од досегашните напишани дела за него. Така, ја започнав својата ,,собирачка” дејност.- вели авторот на изложбата, Рубинчо Белчески историчар – кустос советник.

Изложбата ,,ЧЕНТО – БИОГРАФИЈА НИЗ ФОТОГРАФИЈА”, содржи 250 хронолошки подредени фотографии, собрани на едно место, со цел, гледачот, растеретен од читање на долги текстови да го следи неговиот живот исполнет со голем број на активности, но и фотографии кои зборуваат за животот на ЧЕНТО после смртта. Содржините од изложбата збогатени со кратки информации на 150 настани кои ги дообјаснуваат „замрзнатите” моменти од фотографиите, неколку текстови на авторот и делови од говори, мисли и изјави на ЧЕНТО, ја прават истоимената фотомонографија која дополнително беше публикувана, а која го заокружи во целост овој проект за непоколебливата личност со извонредно богата биографија.

-Ако една изрека вели: ,,Една фотографија, илјада зборови”, тогаш можете да замислете колку зборови содржат овие фотографии. Проектот го реализирав истражувајќи низ Прилеп и пошироко, низ Републиката и притоа во голема мера ми помогна семејството на ЧЕНТО, особено синот Илија Андонов – Ченто и ќерката Марија Јакимоскиа, на кои им изразувам голема благодарност за соработката. Воедно, благодарност изразувам и до поголем број установи и поединци кои несебично ми помогнаа во реализација на проектот, а пред се на мојата работна организација, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп и на Министерството за култура за финансиската поддршка на целокупниот проект.-додава авторот.

Strugaonline

Facebook Коментари