ЈП „Комунално“ Струга доби ново возило за собирање отпад во пресрет на туристичката сезона
ЈП „Комунално“ Струга го прошири својот возен парк со уште едно ново специјализирано возило за собирање комунален отпад, со што дополнително ги зајакнува своите капацитети во пресрет на зголемениот обем на работа за време на туристичката сезона.
Станува збор за современо возило со капацитет од 12 кубни метри, кое ќе придонесе за поефикасно собирање и транспорт на комуналниот отпад, како и за подобрување на јавната хигиена во градот и населените места.
Инвестицијата е реализирана во рамките на Регионалниот проект за управување со отпад, со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од напорите за модернизација на комуналните услуги и воспоставување поефикасен и поодржлив систем за управување со отпад.
Од ЈП „Комунално“ Струга истакнуваат дека со набавката на новото возило значително се подобрува оперативната подготвеност на претпријатието, особено во летниот период кога бројот на посетители во Струга се зголемува, а со тоа растат и потребите за редовно и навремено одржување на јавната чистота.
StrugaOnline

