ЈП „Комунално“ Струга со апел до граѓаните: Не паркирајте пред контејнерите, секое возило го попречува собирањето на отпадот
Во пресрет на летната туристичка сезона, кога Струга очекува илјадници домашни и странски посетители, ЈП „Комунално“ Струга ги засили активностите за одржување на јавната хигиена. Од претпријатието информираат дека се зголемени капацитетите, бројот на возила и ангажманот на екипите на терен, со цел градот да остане чист и уреден.
Сепак, од ЈП „Комунално“ посочуваат дека постои проблем кој не може да се реши без соработка од граѓаните – непрописното паркирање пред контејнерите за отпад.
„Кога возилата се паркирани пред или во непосредна близина на контејнерите, нашите камиони не можат да пристапат за нивно празнење. Поради тоа, контејнерите остануваат полни, отпадот се натрупува околу нив, а се нарушува и хигиената во населбите“, велат од претпријатието.
Оттаму потенцираат дека едно непрописно паркирано возило може да го попречи собирањето на отпадот во цела населба, особено во период кога количините на отпад значително се зголемуваат поради туристичката сезона.
Од ЈП „Комунално“ апелираат до сите возачи да не паркираат пред контејнерите и да остават доволно простор за непречен пристап на комуналните возила.
„Чистотата на Струга е заедничка одговорност. Со малку повеќе внимание и совесно однесување од секој од нас, можеме да придонесеме градот да остане чист, уреден и достоен за своите жители и бројните посетители“, порачуваат од ЈП „Комунално“ Струга, упатувајќи благодарност до граѓаните за разбирањето и соработката.
StrugaOnline

