Ќура: Коридорот 8 е стратешки приоритет за развојот на Струга и охридскиот регион
Во рамките на посетата на делегацијата на амбасадорите на УНЕСКО во Република Македонија, во Охрид се одржа заедничка средба меѓу претставници на Владата и градоначалниците на општините Струга, Охрид и Дебрца, на која се разговараше за предизвиците и идниот развој на охридскиот регион.
Во своето обраќање, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, истакна дека изградбата на Коридорот 8 претставува проект од стратешко меѓународно значење, кој има директно влијание врз економскиот, инфраструктурниот и туристичкиот развој на регионот.
Тој нагласи дека заштитата на природното и културното наследство треба да оди рака под рака со развојните процеси. Притоа упати апел до УНЕСКО и до надлежните институции внимателно да го разгледаат проектот и, преку соработка со сите засегнати страни, да се изнајде решение што ќе обезбеди зачувување на природните и културните вредности, без да се попречува развојот на регионот.
Поддршка на ваквиот став изрази и вицепремиерот Александар Николоски, кој посочи дека Владата работи на изнаоѓање прифатливо решение за сите засегнати страни, со цел да се обезбеди и согласност од УНЕСКО.
Од Општина Струга нагласуваат дека остануваат посветени на поддршка на одржливи решенија кои ќе овозможат усогласување на заштитата на светското природно и културно наследство со јавниот интерес и долгорочниот развој на регионот.
StrugaOnline

