Балетското студио „Бах“ годинава слави дваесет и пет години постоење.
Стотици деца со соништа и талент токму во Балетското студио „Бах“ станаа танчери. Овој епитет го добија со помош на кореографот и идеен творец на ова студио за танц, Тања, но и со многу љубов, посветеност, труд и работа.
„Танцот е дисциплина, работа, учење и комуникација. Со него заштедуваме зборови кои не се разбирливи за сите луѓе, затоа, за возврат создаваме универзален јазик разбирлив за сите. Танцот ни дава задоволство, утеха и радост. “ – вели Тања, исклучителнo горда на сите генерации кои своето таноцово искуство и професионалност го градеа и го градат заедно со неа.
Суштината на студиото го опишува како можност која љубителите на танцот ја искористија за да ја почувствуваат магијата на сцената, да креираат и да фантазираат.
Освен сигурно тло за квалитетен танц и уметност, Балетското студио „БАХ“ изминативе дваесет и пет години стана мост за градење пријателства и создавање задоволни, здрави, среќни и одговорни личности.
Студиото за танц „БАХ“ каде и да се појави предизвикува восхит и внимание, а Струга е претставена квалитетно и достојно.
Оваа успешна приказна не застанува тука, позитивните вибрации од „БАХ“ ќе продолжат да вибрираат и годинава со неколку настани, со главен фокус на годишниот концерт кој секоја година предизвикува голем интерес кај стружани.
За сите настани и активности кои следуваат, Strugaonline ќе информира благовремено.
Во продолжение погледнете го видеото што по повод 25-годишнината, за Балетското студио „БАХ“ го изработи Борче Димоски.
Strugaonline
Facebook Коментари