Македонската и албанската полиција со заеднички мерки за превенција од шумски пожари во пограничниот појас
Полициски службеници од СВР Охрид и Полициската станица за граничен надзор „Св. Наум“ при Регионалниот центар за гранични работи Запад одржаа работна средба со претставници на полициската станица во Поградец, при Министерството за внатрешни работи на Република Албанија, со цел унапредување на прекуграничната соработка во превенцијата од шумски пожари.
На средбата беа договорени повеќе координирани превентивни и безбедносни мерки насочени кон подигнување на јавната свест за заштита на шумите и спречување на пожари на отворен простор, особено во текот на летната туристичка сезона.
Меѓу договорените активности се организирање заеднички полициски патроли во шумските предели долж граничниот и пограничниот појас, како и воспоставување на поинтензивна комуникација и размена на информации за потенцијални ризици од пожари.
Дополнително, двете страни ќе воспостават директни комуникациски канали за побрзо известување при евентуална појава на пожар, што ќе овозможи навремена реакција на надлежните служби за локализирање и гаснење на огнените стихии.
Од полицијата посочуваат дека ваквата прекугранична соработка е од особено значење за заштитата на шумските ресурси и животната средина, како и за навремено справување со ризиците од пожари во регионот.
Извор: СВР Охрид
StrugaOnline

